ПРОФ. Д-Р МЕТОДИ ЧЕПРЕГАНОВ – ЖИВОТОПИС

1936 г. – роден во Штип (28 јуни)

Потекнува од трговска фамилија, мајка Цвета, татко Васил, во фамилија со хармонични и патријархални односи на почит, разбирање, толеранција и флексибилност, со инкорпорирани социјални, морални, етички и духовни норми. Браќа: Михаил (проф. на градежниот факултет, 1929 г.) и Јордан ( агроном, 1931 г.). Основно образование и гимназија завршил во Штип.

1955 г. – запишал Медицински факултет во Скопје, каде и дипломирал во 1961 год.Веднаш стапил во работен однос во амбулантата на фабриката „Македонка“ во Штип, а во 1963 г. го отслужил воениот рок. По враќањето за кратко работи во истата амбуланта како лекар.Од септември 1964 г. бил во постојан работен однос во Клиниката за нервни и душевни болести при Медицинскиот факултет во Скопје.

1965 г. – се оженил со сопругата Калина, родена во Солун со која ги има ќерките: Цветанка ( проф. по англиски јазик) и Татјана (невролог, др. на медицинските науки).

1968 г. – специјализира неврологија на Медицинскиот факултет во Скопје и од 1969 г. се вработува како клинички лекар на Клиника за нервни и душевни болести – Скопје. Во овој период почнал да покажува интерес кон клиничката неврофизиологија, поточно кон клиничката електроенцефалографија.

1972-73 г. – како стипендист на белгиската влада во Брисел, имал можност да работи и да ги продлабочува своите сознанија на полето на клиничката неврофизиологија кај ценети и еминентни стручнаци за оваа проблематика, и тоа: проф. д-р Јean Titeca, проф. д-р Ludo van Bogaert, проф. д-р Lycien Sorel и др. Во овој период му било овозможено да работи во познати електроенцефалографски лаборатории во Брисел. Посетувајќи во два семестра посдипломски специјалистички студии по клиничка електроенцефалографија на Медицинскиот факултет во Брисел се здобил со диплома за субспецијалист по клиничка електроенцефалографија. За време на овој престој имал можност за се запознае со проблемот на евоцираите потенцијали во познатата неврофизиолошка школа на проф. Desmedt. Притоа особено внимание посветил на примената на евоцираните потенцијали во секојдневната невролошка клиничка пракса. 

1973 г. – по враќањето се посветил исклучиво на примената на електоенцефалографијата, а по набавувањето на апаратот за евоцирани потенцијали започнува да работи на евоцираните потенцијали и нивната примена во клиничката пракса во Клиниката за невропсихијатрија при Медицинскиот факултет во Скопје.

1974-1975 г. – како стипендист на Франција прстојува на двегодишен студиски престој во Париз. Работи во позната научна лабораторија „L Е N А“ во болницата Pitie Salpetrier на проф. Antoine Remond, а имал и можност да ги следи и постдипломските предавања на еден од Француските медицински факултети за субспецијалисти по епилептологија, одржуван под водство на познатите епилептолози проф. д-р Jean Bancaud и проф. Talairach од Париската школа на болницата Sainte Anne и проф. д-р Henri Gastaut од Марсејската школа. Паралелно со ова во секојдневната пракса имал можност да работи на евоцираните потенцијали , нивната клиничка примена како и на полето на епилепсиите во CHU Pitie Salpetrier. 

Во тој период имал можност за прв пат да се запознае со компјутеризираната аксијална томографија на мозокот во епилептолошката клиника на проф. Henri Gastaud во Марсеј каде бил монтиран првиот CT scan во Франција. Во  одделот  за  епилепсии  во  Марсеј, каде  бил    монтиран CT скенот,  за  прв   пат    имал  можност да ги  опсервира    и  дефинира епилептогените микрофактори „in vivo“ така што неговата понатамошна преокупација била и останала корелацијата помеѓу функционалните промени видени со електроенцефалографијата и епилептогените макро фактори видени со компјутеризираната томографија на мозокот. 

Во Франција завршил постдипломски студии: по епилептологија и клиничка неуроимејџинг дијагностика.

1975 г. – по враќањето ја продолжи својата активност како клинички лекар занимавајќи се пред се со епилептологија, клиничка електроенцефалографија и евоцирани потенцијали.

1976 г. – избран за асистент по предметот Неврологија и психијатрија со медицинска психологија на Медицинскиот факултет во Скопје, а преизбран за асистент (1982).

1978 г. – стручно се доусовршува,  вкупно  година  дена, во Белгија кај проф. д-р Michel Collard, а потоа и во Лондон и Саутхемптон во Англија кај проф. J. Ambrose и проф. д-р Borrows. За време на овој престој имал можност да се запознае со клиничката апликација на оваа нова анатомо морфолошка дијагностичка метода.

1979 г. – по враќањето основна преокупација во секојдневната работа му била дијагностиката на болестите на мозокот од фукционален и морфолошки аспекти и тоа пред се во епилептологијата, студирајќи ги епилептогените макро фактори, нивните томодензитометриски особини во корелација со клиничката семиологија на епилептичните напади и односите со мозочниот кортекс

Со појавата на магнетната нуклеарна резонанца се посветил на продлабочување на своите сознанија во оваа нова анатомо морфолошка метода преку европски семинари,  во  Парис, Лондон,  Стразбур,  Тронтхајм, специјално организирани за таа намена.

1980 г. – член на европската асоцијација по неврофизиологија и на Француската невролошка асоцијација како и на Светската невролошка асоцијација.

1984 г. – промовиран како доктор на науки на Универзитетот „Кирил и Методи“ во Скопје, докторска дисертација под наслов „Мозочниот тумор и неговата епилептогеност во корелација со морфолошките (СТ) и функционалните (ЕЕГ) промени“

1986г. – избран за доцент по предметот Невропсихијатрија со медицинска психологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Во истата година Студенско-издавачката организација „Студенски збор“ ја издава првата негова публикувана книга „Епилепсија и мозочен тумор“. Во оваа книга тој дава краток историски преглед за сознанијата во врска со епилептологијата, некои елементи на епилептичните напади, класификација на епилептичните напади и епилепсиите, елементи од патофизиологијата на епилептичните напади, топографска ЕЕГ дијагноза на мозочните тумори, томодензитометрија кај мозочните тумори, сопствени истражувања и резултати од истражувањата.

1986 г. – претседател на Скијачкиот сојуз на Македонија од 1986 до 1992 г.

1987 г. – во Норвешка во градот Тронтхајм се здобил со сертификат за интерпретација и дијагностика со МНР.

1988 г. – издавачката куќа „Македонска книга“ ја издава неговата втора книга „Клиничка, компјутеризирана томографија на мозокот“.

1981-1997 г. – објавува свои трудови во Македонски медицински преглед. 

1988-1991 г. – објавува во странски списанија Neurologija и Epilepsia.

1993г. – ја издава неговата трета книга „Мигрена“ во која се труди до максимум да го внесе богатото сопствено искуство како во дијагностиката така и на терапевски план, со надеж дека монографијата со својата содржина ќе го олесни секојдневниот животот на оние кои страдаат од оваа многу честа болест.

1994-1996 г. – престојува во Стразбург каде што завршил и се здобил со субспецијалистичка диплома по анатомо морфологија (компјутеризирана томографија и магнетна нуклеарна резонанца) на мозокот, кичмената мождина и цело тело.Во истиот период работи и на научен проект на неуролошката и радиолошката клиника во Стразбург, на Универзитетот Louis Pasteur, на тема „Магнетната нуклеарна резонанца и симптоматските епилепсии“, кој потоа со проф.д-р Јеаn Louis Ditemenn го преточил во книга.

1996 г. – издавачката куќа Masson од Париз ја издава книгата „Imagerie des epilepsies“ на Методи Чепреганов заедно со J.L. Dietemann.

1998- 2003г. – издава неколку книги од неговата област и тоа „Базични принципи на магнетната резонанција“ (1998, 2011), „Магнетната нуклеарна резонанција во патологијата на мозокот: колекција на радиолошка иконографија“ (1998), „Современа дијагностика и терапија во медицината: (прирачник за лекари)“ (2000), „Епилепсија: да се живее со болеста“ (2002), „Клиничка електроенцефалографија“ (2003).

2003-2004г. – објавува статии во Vox medici.

2006г. – се вработува во Поликлиника „Неуромедика“, ја издава книгата „Епилепсија“, а во 2007 год. „Главоболки+ мигрена“, со група автори во три едиции (2007, 2009 и 2013 година) е коавтор на Енциклопедија за неуроимејџинг дијагностика (Neuroimagerie diagnostique), за француско говорно подрачје.

2008 г. – во чест на 14 јули празникот на Република Франција награден е со орден „Академски палми“(„Palmes Аcademiques“) од страна на Министерството за науки, за научен труд од странец на тлото на Франција.

2008г. – „Темпорални и екстратемпорални лобни епилепсии“.

2009 г. – „Главоболки и мигрена и Неврологија“.

2010 г. – „Синдроми на мозочното стебло„.

 2012 г. – ја издава книгата „Дијагноза во стоматолошката протетика“ и „Стресот и ние“. Добитник е на орденот (наградата) Свети Никола по повод патрониот празник на градот Штип „ 19 декември“- Свети Никола. 

2013 г. – Почесен член на здружението на граѓани со епилепсија и родители на деца со епилепсија во Република Македонија – Епилепсија Македонија, и титуларен член на Лигата за борба против епилепсијата на Франција.

2014 г. – „ Стрес : (несоница – анксиозност – депресија)“, „ Фронтален лобус“

2015 г. – „Епилепсија, да се живее со неа“

2015 г. – серија текстови во Капитал, на тема „Агресија-моќта на човечкиот деструктивен нагон“ .

2016 г. – „Париетален лобус“,„Од агресија до љубов “, „ Електроенцефалографија”

2017 г.„ Миоклонии” .„ Невролошки  терапевтски прирачник”  

Методи Чепреганов активно се служи со француски, грчки и руски јазик, а пасивно со англиски јазик. Од 1986 до денес има голем број на објавени интервјуа во весници и списанија и за  период  од  триесетина  години има  230 гостувања во емисии на различни телевизии.